Македонската метропола како див Запад. Дивите таксисти повторно задоа замав во Скопје поради тоа што нема редовни инспекциски контроли на овој превоз. Во периодот кога беше драстично скратен превозот со градските автобуси, граѓаните често се решавале за превоз со такси, а некои од нив доживеале мошне непријатни искуства кои скапо ги чинеле, објави Плусинфо. Скопјанецот Мартин. Ј. одлучил да се качи во такси од трговскиот центар „Ист гејт“ бидејќи брзал за да стаса на работа. Иако бил свесен дека таксистите што стојат на оваа локација се нелегални, на крајот бил непријатно изненаден од сумата што ја платил.
- Знам дека таксистите што чекаат таму се диви, ама порано барем имаа таксиметар. Сега, забележувам дека користат мобилни телефони со апликација која симулира таксиметар. Телефонот таксиметар покажа астрономска сума за релација од неколку километри, некои 400 денари. Го прашав таксистот зошто е толкава сумата, а тој се насмеа и ми рече: „Тоа е, другар“. Сфаќам дека не може секој да работи во такси компанија, но барем да го наштелуваат телефонот да одбројува како таксиметрите. Не мора да ги ограбуваат луѓето и да им земат цела дневница за едно возење – вели нашиот соговорник.

Тој истакнува дека вакви инциденти се чести и дека дивите таксисти стојат на различни локации во градот, вклучувајќи ги и популарните места како што се спроти „Холидеј ин“ и „Ла делишс“ во Буњаковец.
- Некој како мене ќе се расправа, ама има луѓе на кои им е срам да се расправаат. Понекогаш нема достапни такси возила од такси компании и луѓето немаат избор, па мора да се качат кај некој таков. На крајот на краиштата, можеби и воопшто не треба да се качуваме кај нив и треба да ги саботираме, и така повеќето не работат легално и немаат свои фирми – вели скопјанецот Мартин.
Проблемот со дивите таксисти не се одразува само врз џебот на патниците, туку и врз приходите на легалните такси компаниии и приливите од даноци во државната каса. Претседателот на Групацијата на авто-такси превозници, Сашо Рајчановски за Плусинфо истакнува дека бројот на нелегални такси возила во Скопје е во пораст, што ја прави ситуацијата алармантна.
- Секој ден сè повеќе патници се одлучуваат за овие возила, а ние како легални превозници не можеме да им излеземе во пресрет. Таксистите не ги следат прописите и овој проблем станува сè поочигледен – вели Рајчановски.

Според него, основната причина за зголемената активност на дивите таксисти е големата побарувачка за транспортни услуги, особено поради проблемите со градскиот автобуски превоз, но и недостигот на контрола и санкции од градските власти.
- Граѓаните не само што се соочуваат со нелегални превозници, туку исто така мора да платат многу повеќе отколку што би платиле за легално такси возење. Иако стандардната цена е од 150 до 200 денари, многумина од нив плаќаат по 400 или дури 500 денари – додава Рајчановски.
Тој апелира до градските власти да преземат мерки за да ја решат ситуацијата. Според него, доволно е да се насочат инспекторите да ги контролираат нелегалните таксисти и да се санкционираат оние кои не ги исполнуваат прописите. Целата анализа на Плусинфо.мк.





