Протестот во Софија организиран од партијата Преродба против воведувањето на еврото во Бугарија премина во судири во кои се повредени десетмина полицајци, а приведени шестмина од демонстрантите, кои ја запалија вратата на претставништвото на Европската комисија и фрлаа јајца, боја и тврди предмети врз зградата.
Од партијата на Костадин Костадинов, познат по антимакедонските изјави и пројави, демантираа дека неколкуте илјади нивни приврзаници повредиле полицајци во протестот што почна пред Бугарската национална банка пред да продолжи пред зградата на ЕК и се заканија со нови демонстрации ако не се организира референдум за еврото.
Барањето за ваков референдум веќе беше отфрлено од Националното собрание во летото 2023 година, а во 2024 година Уставниот суд ја потврди одлуката на Парламентот. Воведувањето на еврото е вклучено во Договорот за пристапување на Бугарија во Европската унија.
Министерката за финансии Теменушка Петкова по минатонеделната посета на Брисел најави дека до крајот на месецот Бугарија до европските институции ќе достави барање за извештај дали е подготвена.
Противниците на еврото во Бугарија се плашат од повторување на искуството на Хрватска со драстичниот раст на цените.






