Палестинската група Хамас до петок ќе ослободи уште тројца израелски заложници како дел од договорот според кој Израел од денеска ќе им дозволи на раселените Палестинци да се вратат во своите домови во северниот дел на Појасот Газа, пренесува Ројтерс.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го потврди претстојното ослободување на заложниците во изјава, нагласувајќи ја посветеноста на Израел за безбедно враќање на сите заложници.
„Премиерот нагласува дека Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Ќе продолжиме да работиме за враќање на сите наши заложници, и живи и мртви“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Договорот поддржан од САД има за цел да обезбеди помош за околу 650.000 Палестинци кои се раселени во централна и јужна Газа за време на 15-месечниот конфликт што опустоши голем дел од северот на енклавата.
Според Министерството за здравство на Газа, повеќе од 47.000 Палестинци загинале за време на конфликтот.






