Околу 10 милиони евра дадени од родителите се потрошени без транспарентност и отчетност од училиштата.
Ова е еден од наодите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во рамки на проектот „Заштита од корупција“, финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувањето спроведено во периодот од 01.11.2021 до 31.10.2022 година во 96 основни и средни училишта во 8 општини, го истакнува фактот дека се применуваат набавки за ученичко осигурување, ученички униформи, фотографија, обувки и сл. во постапки за кои не постојат јасно дефинирани правила со што би се овозможил избор на најповолни понуди и најдобра вредност за потрошените пари.
Огласите се објавуваат само за екскурзиите бидејќи за нив Министерството за образование одобрило процедури уште во 2014 година.
Повеќето училишта не можат да објаснат како се прави изборот на фирми за чии услуги плаќаат родителите.
Од истражувањето се нагласува дека и во оние училишта кои ги доставиле решенијата за избор од советите на родители не може да се докаже како се одбрале разгледаните понуди, односно кој одлучувал од кои фирми да се побараат понуди за набавките.
„Ваквата состојба е последица на доцнењето на Министерството за образование и култура во изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во образовните институции, а кои не подлежат на Законот за јавни набавки.
На овој начин се овозможува училиштата да не бидат транспарентни и да не одговараат за начинот на трошење пари од родителите.
Дирекциите на речиси сите училишта се оградуваат од процесот на реализација на овие набавки со тврдење дека парите не ги наплатуваат од родителите, туку дека наплатата се врши директно на избраните фирми.
Ваквата состојба зборува за ниската свест за отчетност во однос на овие трошоци и секако дека целиот процес треба да се регулира со внатрешен акт, како и да се обезбеди нивна транспарентност и законитост.
Во Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021-2025 година, беше предвидено Министерството за образование и наука да ги подготви подзаконските акти (прописи) уште во првата половина на 2022 година со цел да се намалат многуте можности за корупција и злоупотреба на службените позиции. (Koha.mk)






