Случајот со депортацијата на 12-годишниот Алек во родната Македонија предизвика жестока дебата во Германија, каде што Советот за бегалци од сојузната покраина Хесе ги обвини регионалните власти за нехуманост.
Приказната што ги полнеше страниците на локалните медиуми заврши во понеделникот, кога Централната канцеларија за имиграција (ЗАБ) при Регионалниот совет во Гисен го депортира детето само во Македонија, каде што на аеродромот во Скопје беше преземено од неговиот татко.
„Однесувањето на ЗАБ е навистина шокирачко“, изјави Тимо Шеренберг, извршен директор на Советот за бегалци на Хесен. „Благосостојбата на детето беше целосно игнорирана. Дванаесетгодишниот Алек треба да се справува во Македонија со екстремно тешки околности. Родителите му биле зависници од дрога, мајката почина од последиците на зависноста, а насилниот татко има неколку затворски казни за различни кривични дела и редовно го малтретирал Алек“.
По смртта на мајката, бабата на Алек добила притвор и пред три години побегнала во Германија со него, при што слетале во Алсфелд. Обласната канцеларија потврди дека за момчето уште од 2015 година се грижи организацијата за помош на младинци „Фогелсбергер“.
„Му треба редовна психотерапевтска поддршка, која тој не би можел да ја добие во Македонија. Иако истрауматизиран, Алек бил депортиран кај неговиот татко, и покрај тоа што неговиот единствен старател, бабата, е во болница во Германија“, велат од Советот за бегалци на Хесе, барајќи поништување на одлуката за депортација и враќање на момчето во Германија.
Од властите на Гисен, пак, тврдат дека Советот за бегалци не ја кажува целата вистина.
„Момчето од март 2016 година повеќе не живее со баба му, која последен пат немаше право за пристап до него“, рече на прес-конференција Оливер Кеслер, портпарол на регионалната Влада. „Исто така, однапред беше разговарано за репатријацијата со македонските власти и внимателно беа следени двете страни. Македонското Министерство за внатрешни работи вети дека ќе биде обезбедена потребната грижа за момчето, кое повторно било во контакт со својот татко“.
Уште една верзија за настанот понуди покраинскиот министер за внатрешни работи Петер Бојт, според кој Алек и баба му требале заедно да бидат вратени во Македонија, но старицата не била во потребната здравствена состојба, па детето било депортирано само. Петицијата против протерувањето била одбиена во септември минатата година, па властите само постапиле според процедурата.
Медиумите известуваат дека Алек по враќањето во Македонија му се јавил на лице од доверба во Германија и му рекол дека бил земен од неговиот татко зависник од дрога на аеродромот во Скопје. Момчето додало дека многу се плаши од човекот што претходно го злоупотребувал. Неговата мајка, исто така, зависник од дрога, умрела кога Алек имал четири години.
„Неверојатен случај на депортација“, ќе констатира Ернст Гирт, комесар за човекови права на Државната лекарска комора на Хесе, нагласувајќи дека при депортација секогаш мора лекар да утврди дали засегнатото лице е способно за патување. Неговата асоцијација сака да знае кој лекар го издал сертификатот за трауматизираното момче.




