Ден на жалост во Украина по најсмртоносниот руски напад годинава (ВИДЕО)

Во регионот на Киев, 18 јуни е прогласен за Ден на жалост за оние кои загинаа во масовниот руски напад со ракети и беспилотни летала врз Киев.



Русија вчера срамни со земја дел од станбена зграда во Киев во најсмртоносниот напад врз украинската престолнина оваа година, додека масовниот бараж од стотици дронови и десетици ракети уби најмалку 18 лица, а ранети се 151 лице.

Шефот на регионалната воена администрација на Киев, Николај Калашник изрази сочувство до семејствата на починатите и истакна дека ја дели со нив болката од загубата: „Се поклонуваме во спомен на невино убиените Украинци“.

Како што е објавено, градот Киев, исто така, го прогласи 18 јуни за Ден на жалост за жртвите од масовниот напад на Русија врз главниот град.

За време на нападот во ноќта на 17 јуни, Русија испали повеќе од 440 беспилотни летала и 32 ракети во Украина. Во Киев беа погодени 27 локации.