Државно-црковна делегација на Република Македонија, предводена од претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова, која од вчера престојува во Рим, Италија, по повод чествувањето на 24 мај, Денот на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, денес, на 24 мај 2025 година, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на Свети Кирил во базиликата „Санта Марија Маѓиоре“. Ќе го посети и гробот на папата Франциск. Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим е востановено во 1969 година, по повод 1100-годишнината од неговата смрт, и оттогаш се одбележува секоја година на 24 мај, со највисоки почести од државно-црковна делегација на Република Македонија.
Македонската државно-црковна делегација, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил. Како што јави известувачот на Македонската информативна агенција МИА, со молебенот чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и епископот Стобиски Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители. На свечениот чин во базиликата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протоереј-ставрофор отец Зоран Стојанов.
„Еве нè и оваа година тука во Рим, за да им оддадеме почит и благодарност на светите рамноапостолни солунски браќа Кирил и Методиј, поради нивното свето дело. Посветено со генерации, почнувајќи од свети Климента, па сè до денес секаде каде што битисува македонскиот народ и насекаде каде што се говори македонскиот јазик, го чуваме и го славиме споменот кон нив. Зашто тие го поставија темелот, врз кој е создадена нашата култура, јазик и писменост, тие се столбовите на нашата црква и држава и наша идентификација меѓу останатите народи.“ -истакна во своето слово митрополитот Јосиф.
Во рамките на културната програма, организирана по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, министерот за култура на Република Македонија Зоран Љутков денес ќе има обраќање на концертот на пијанистот Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, што ќе се одржи во историскиот простор „Хорти Салустијани“ во Рим. Ќе бидат изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
Home Македонија Денес поклонение на државно-црковната делегација на Македонија на гробот на Свети Кирил...






