Ќулафкова: Рацин е мислител-поет на македонската драма и борба за постоење

Во Македонската академија на науки и уметности беше претставено тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис. Воведна реч одржа академик Катица Ќулавкова, главен редактор на тритомното издание. Проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, е приредувач на том 1. Проф. д-р. Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, е приредувач на том 2. Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска е приредувач на том 3.



Ќулафкова: Поезијата на Рацин – мислителот и борец за правда  и по еден век е жив македонски отслик на стварноста

Во врска со тритомното издание за Кочо Рацин во воведната реч академик Катица Ќулафкова истакна: „И по повеќе од осум децении книжевното творештво на Кочо Рацин нема доживеано темелно и интегрално критичко издание во својата матична, македонска културна и научна средина. Речиси четириесет години Рациновото прозно уметничко и публицистичко дело не наидува на соодветен научен одговор, па ни на достоен национален возврат, каков што заслужува. Се здобива впечаток дека спласнува сеќавањето за Рацин како последица на неговото отсуство или недоволно присуство во образовниот систем, во медиумите и во критиката. Македонската академија на науки и уметностите одржа два свечени собира последниве две децении, но не е реализиран проект од типот на критичко издание на целокупните дела на Кочо Рацин, проект кој подразбира темелно архивско, споредбено истражување, дигитализација, превод, компаративно и осовременето критичко толкување.“

Натаму Ќулафкова посочи: „Во ова тритомно издание пристапивме, како екипа, објективно, за да го актуализираме на најдобар можен начин вонсерискиот лик и дело на Кочо Рацин, како и неговиот живот.  Тритомното издание е составено од три коавторски томови-книги: првиот том е во авторство на Кочо Рацин и на Венко Андоновски. Во првиот дел од овој том, поезијата на Рацин е објавена (речиси) интегрално, изворно, а во вториот дел е објавена обемната, сеопфатна и толкувачка студија на дописниот член на МАНУ и редовен професор д-р Венко Андоновски, проследена со соодветен илустративен фактографски материјал. Вториот том е во авторство на Кочо Рацин и на редовен професор д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, а е посветен на прозата, публицистиката и есеистиката, при што содржи и некои до сега необјавени на македонски текстови на Рацин. Третиот том претставува интегрален животопис на Рацин и негов автор е редовен професор д-р Весна Мојсова Чепишевска. Овој том има фактографска, архивска, но донекаде и есеистичка структура. Тој е обилно проследен со илустративен материјал за животот на Рацин.“

Според акад.Ќулафкова, ова тритомно издание претставува и пофалба на делото на Рацин, на неговиот животен и творечки подвиг, на неговата втемелувачка, сподвижничка, визионерска, прогресивна, хумана и револуционерна природа. „Рацин не е само име на една стилска епоха, туку и на една филозофија на праведното и достоинственото постоење на човекот и на човештвото. Ова издание би требало да биде омилена лектира за македонските читатели во Македонија и надвор од неа, независно од нивната возраст и социокултурна припадност. Рацин обединува таков каков што е: страстен човек, надарен поет, бескомпромисен борец за правда, бранител на обесправените и угнетените, рафиниран мислител, пасиониран истражувач, самоук вајар на глинени и јазични творби, хуманист, футурист, интернационалист. Рацин ја доживеал изворно македонската драма и затоа можел да ја опише нејзината суштина. Рацин дошол, видел и останал во светот. На македонски начин. Поради тоа, неговата најдобра поезија од пред еден век и денес се чита како да е жив отслик на стварноста. Македонско селфи. Кога се знае дека историјата се повторува, оти таа има свои системски правила и законитости, тогаш може да сметаме дека Рацин ја доловил суштината на историјата, гледајќи ја со едното око на македонски начин, а со другото – на општочовечки.“ – нагласи главниот редактор акад.Катица Ќулафкова во својата воведна реч кон тритомното издание за Кочо Рацин.

Патрони, иницијатори и покровители на ова тритомно издание се угледните македонски бизнисмени Коста Кипровски и Ана Заковска. Македонската академија на науки и уметности застана целосно зад тритомната едиција за Рацин како зад свој проект и која се појавува во својство на издавач и промотор.

Свето Тоевски