Во знак на револт по убиството на д-р Ацо Трпковски кој беше пронајден избоден до смрт во својот автомобил, во близина на неговото работно место во поликлиниката „Железара“, но и со барање за зголемување на заштитата на лекарите низ државата, денеска од 12 до 16 часот матичните лекари нема да работат.
Се’ уште нема ниту осомничени, ниту приведени, откако 67 годишниот Ацо Трпковски беше пронајден мртов со 9 убодни рани во својот автомобил, во близина на неговото работно место во поликлиниката „Железара“.
Починатиот го пронашле некаде пред полноќ на 21 март неговите синови кои тргнале во потрага откако тој не се вратил од работа.
Она што е познато е дека се прегледуваат видео-камерите од страна на полицијата, додека од Обвинителство ги чекаат наодите од обдукцијата.
Претседателката на Здружението на матични лекари д-р. Лидија Чолакова Дервишова објаснува дека неколку часовниот протест ќе биде и апел до сите институции што поскоро да го разрешат случајот, но и барање до Министерството за здравство за носење на Закон за докторска дејност, кој би предвидувал поголема заштита на лекарите.
„ Целта не ни е да не работиме да не ги услужуваме луѓето, туку напротив да ја подигнеме свеста на сите институции. Институциите на МВР што побрзо да го откријат сторителот, да не се повтори ваков грозоморен настан. Здравствените домови апелираме да го подигнат нивото на безбедност затоа што сепак тоа се луѓе кои плаќаат кирии и концесии во тие здравствени домови, камерите да се проверат да фукционираат, нашите колеги и здравствениот персонал да се заштитува.“
Д-р. Чолакова Дервишова посочува дека голем дел од лекарите не се чувствувале безбедно на своите работни места, поради зголемениот број на случаи каде што здравствените лица пријавувале агресивност, напади и несоодветно однесување кон нив. Според статистиката на Лекарската комора во 2022 година имало 17 кривични пријави за напад врз доктори.






