Плановите на новата Влада за буџетските трошоци стигнаа во Собрание. Буџетот за 2025 година сега е пред пратениците, кои треба да ги разгледаат детално плановите на Владата за приливите и трошењето на државата следната година. Вкупните даночни приходи во буџетот следната 2025 година се планираат да достигнат 202,2 милијарди денари, или 5,8 милијарди евра. Според податоците, новата власт планира поголеми приходи за 12,8 проценти во однос на планираните даночни приходи за 2024 година, анализира Фактор. Паралелно со растот на приходите, надлежните планираат да ги зголемат и трошоците за следната година. Па така следната година државата ќе потроши 400,2 милијарди денари што е за 10,3 отсто повеќе од 2024 година. Тоа се всушнот 6,5 милијарди евра, колку што достигнува вкупно буџетот на земајва.
Што се однесува до дефицитот, тој во 2025 година е проектиран на 41,3 милиони денари. Отплатата на долгот од 66,2 милијарди денари, од кои надворешен долг 49,3 милијарди денари и домашен долг 16,9 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Во државната каса само од данокот на личен доход следната година се планираат 35,7 милијарди денари (580 милиони евра), при што се планира раст на од 13,1 отсто во однос на 2024 година. Од данокот на добивка за 2025 година се очекуваат приливи во висина од 23,3 милијарди денари, или 378,6 милиони евра. И кај данокот на добивка се очекува раст од 10,3 проценти во споредба со претходната година. Овој раст како што пишуваат надлежните треба да се реализира со раст на профитите на компаниите, оданочување на компаниите кои биле во системот на државна помош и очекуваниот економски раст.
Сепак, убедливо најмногу пари во државната каса треба да „влезат“ од ултрапопуларниот Данок на додадена вредност. Следната 2025 година од ДДВ се планира во буџетот да се инкасираат 86,7 милијарди денари или 1,4 милијарди евра. Овде растот во однос на тековната година е 10,5 проценти.
Приходите од акцизи во 2025 година се предвидени да достигнат 35,4 милијарди денари или 575,4 милиони евра, каде се планира раст од 18,6 проценти во однос на 2024 година. Од царински давачки, вклучувајќи го и данокот на моторни возила, следната година во Буџетот треба да влезат 16,3 милијарди денари, или 264 милиони евра. Се очекува да има раст од 19,9 проценти во однос на претходната година.
Исто така се очекуваат приливи од 4,9 милијарди денари од другите даночни приходи.
Следната година од неданочни приходи, административни такси, концесии и други неданочни приходи, во државната каса ќе влезата 26,3 милијарди денари. Надлежните посочиле дека се планираат приливи и во висина од 3,5 милијарди денари од капитални приходи, како што е продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком.
Бројките откриваат дека високи прилив во државната каса ќе има и од придонесите, чиј износ достигнува 117,1 милјарди денари или 1,9 милијарди евра. Поконкретно само од придонеси за пензиско осигурување ќе има прилив од 81 милијарда денари, додека од придонесите за здравствено осигурување 31,6 милијарди денари.
- Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 117,1 милијарди денари или за 11,3 проценти на повисоко ниво во однос на придонесите планирани за 2024 година – се посочува во документот доставен до пратениците.

Следната година, државата планира да потроши 400,2 милијарди денари или 6,5 милијарди евра, што е за 37,4 милијарди денари повеќе во однос на 2024 година.
Тековните расходи за 2025 година се планирани во износ од 349,6 милијарди денари или 5,6 милијарди евра. Тековните раходи се за 9,9 проценти поголеми од 2024 година, а тука влегуваат платите на вработените во јавниот сектор, пензиите, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и средства за поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството.
Најголем опфат во тековните расходи на државата се социјалните трансфери, за што се планираат 191,1 милијарди денари или над 3 милијарди евра. Секако овде најмногу пари ќе се потрошат на пензиите, за што се планираат 105,4 милијарди денари или 1,7 милијарди евра. Трошоците за пензиите следната година, во споредба со тековната ќе се зголемат за 16,6 отсто.
- За исплата на пензии планирани се 105,5 милијарди денари, со вклучен ефект за линеарен пораст на пензијата за секој пензионер од 2.500 денари почнувајќи од март 2025 година, а со цел да се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите – се нагласува во Буџетот.
Во тековните раходи влегуваат и платите на администрацијата, за што државата планира 48,1 милијарди денари или 782,6 милиони евра. Притоа е забележан раст во споредба со оваа година од 8 проценти. Само за плати следната година ќе се потрошат плус 3,595 милијарди денари.
Ќе се троши и на набавка на стоки и услуги, за што се планираат 26,2 милијарди денари, а надлежните посочуваат дека овие трошоци се помали во споредба со 2024 година за 0,5 проценти. Тука се и трошоците за функционирање на институциите, средства за спроведување на изборните активности, како и исполнување на обврските кои произлегуваат од НАТО стандардите. Повеќе може да се прочита на Фактор.мк, каде е целата анализа за оваа важна тема од областа на економијата.





