Со пасош без уставното име не може да се влезе во Германија, доколку патникот доаѓа од с.Македонија или од трета држава, објасѝнуваат дипломатски извори за Дојче Веле.



„Ладниот туш“ доаѓа по изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, дека „стариот пасош се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово“ и дека е срамно што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис, а решението го гледа во менување на Законот за патните исправи.

Со стар пасош без „северна“ може да се патува во Германија, Швајцарија и Бугарија…

Од друга страна и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој деновиве прави турнеја по конзулатите во Германија, Швајцарија и Италија, од Берн ја поздрави одлуката на Швајцарија да им дозволи на македонски државјани патување и со старите патни исправи.

Министерот Османи не прецизираше дали мисли на патување со старите пасоши од Швајцарија кон Македонија, или и обратно, со оглед на тоа што досегашната препорака за македонските државјани во странство кои немаат нов пасош беше да си извадат патни листови.

Дипломатски извори за ДВ велат дека  македонските државјани можат да ги користат пасошите со старото уставно име за лична идентификација во таа земја, но нема да можат да влезат во земјата доколку немаат нова патна исправа со уставното име.

Тоа значи дека може да се замине од Германија кон Северна Македонија со стариот пасош, но не и обратно.

Македонското здружение „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во Берлин, за време на викендот најави тужба против Македонија, доколку до 23 февруари властите не ја преиначат одлуката за важноста на пасошите со старото уставно име и доколку не се обезбеди побрзо издавање на нови пасоши.