Подзаборавената изјава на поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, за Македонија како најромантичен дел од бугарската историја ја извади од нафталин Калојан Паргов, претседател на Градски совет на Бугарска социјалистичка партија за Софија.
„Важно е да развиеме заеднички економски, инфраструктурни, транспортни и ерегетски проекти, бидејќи не можеме да побегнеме од тој најромантичен дел од нашата историја. Позицијата на Македонија е прашање на бугарското самосознание. И многу сакам во учебниците по историја таа да биде вплетена, за да може и следните генерации да ја носат во себе. Во политиката сеќавањето е многу важно нешто. Во врска со тоа БСП може да биде многу корисна, со оглед на тоа дека таа има познавања и многу помни. Ако, се разбира, некој сака да ја чуе“, изјави за тамошниот Канал 3 шефот на организацијата на бугарските социјалисти од престолнината.
Членот на Извршното биро на БСП и општински советник на најголемата опозициска партија во Бугарија се осврна и на протестот во Атина против зборот „Македонија“ во името на северниот сосед на Грција.
„Тоа што се случува во грција е многу индикативно и треба внимателно да го набљудуваме. Во Грција процесите допрва претстојат, вклучувајќи ги и внатрешнополитичките како залог за иднината на премиерот Алексис Ципрас. Тоа е залог и за иднината на Зоран Заев. Од исходот на оваа ситуација зависи иднината на тие две држави на надворешнополитички план. Нема сомневање дека Ципрас ќе се обиде да направи зделка. Овие протести во моментов му помагаат за да може да биде поубедлив“, смета Паргов.





