Владата турка закони од енергетиката кои ќе ја оштетат државата и граѓаните за најмалку милијарда и двесте милиони евра во следните децении, изјави Горан Минчев, генерален секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска на прес конференција.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија смета дека когенеративната гасна постројка е несомнено профитабилен базичен енергетски проект, којшто треба да се гради како национален проект, финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој надворешен т.н. стратешки инвеститор кој, како што велат, нема да инвестира ниту едно свое евро.
Минчев рече дека со оваа гасна електрана треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создаваат можности за финансирање нови базични енергетски објекти. Тој додаде и дека е апсолутно недозволиво користење на плодно земјоделско земјиште за изградба на фотоволтаични централи.
– Владата на Македонија во услови на предизборие, преку скратена постапка, во парламентарна процедура повторно стави закони кои се исклучително штетни за државата и за македонските граѓани. Се работи за четири закони за стратешки инвестициски проекти во областа на енергетиката. Оваа Влада, пред да си замине во историјата, сака предложените закони по секоја цена да бидат изгласани во Собранието. Станува збор за проектите „Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје“ и изградба на соларните електрични централи АИМ Греен ТЦХ, Пехчево и Стипион – посочи Минчев.
Тој потенцира дека тоа се профитабилни базични енергетски проекти што ќе се градат со голема државна помош, како и голем број поволности и поттикнувања, финансирани од буџетот на државата, средства на државните енергетски претпријатија, но и од самите граѓани, како крајни потрошувачи, преку плаќањето на сметките за електрична енергија.





