Два транспортни повеќенаменски хеликоптерa МИ-17 на Министерство за внатрешни работи на Македонија се наоѓаат на ремонт во Воздухопловен завод „Мома Станојловиќ“ во Батајница, потврди Министерство за одбрана на Србија.
Со оглед на тоа дека Заводот никогаш досега самостојно не ремонтирал ваков тип хеликоптери, најверојатно станува збор за потесна соработка со Русите, бидејќи од Македонија пристигнала поновата верзија МИ-171, пишува српскиот портал „Вести“.
Хеликоптерската единица „Јастреби“ на македонското МВР располага со два хеликоптера МИ-171 и со еден МИ-17В-5. Двата хеликоптера МИ-171 се набавени кон крајот на 2008 година преку литванската компанија „Авиабалтика авиејшн“ од Каунас за 20,4 милиони долари, а при крајот на декември истата година преку финска компанија се нарачани и два хеликоптера МИ-17В-5 со вкупна вредност од 21,7 милиони долари. Едниот хеликоптер од вториот контингент се урна на 10 јули 2014 година за време на ноќен тренажен лет, при што загинаа сите четворица членови на екипажот.





