Македонската фудбалска селекција вечерва (20.45) има настап кај Италија во квалификациите за СП во 2018 година. Немаме шанса за пласман на првите две позиции кои водат директно во Русија или преку бараж, но секој бод, секоја добра партија и исход нам ни се потребни бидејќи сме претпоследни во групата Г, имавме лош почеток, но во последните две средби остваривме победа со Израел и реми со Албанија. Ако денеска издржиме може да ни се случи да завршиме со серија од 4 добри настапи со која колку толку ќе го анулираме катастрофалниот старт во која имавме 4 порази. Но треба да се знае дека Италија не загубила дома цели 18 години.
„Не треба да се трошат многу зборови за противникот, кој е многу силен, но сите знаеме како се спасија и нѐ победија во Скопје. Тој натпревар и другите добри изданија треба да бидат модел како да ѝ се спротивставиме на Италија. Овој натпревар е многу важен за нас и нема потреба од дополнителна мотивација“ рече Езџан Алиоски.
Македонија има неколку играчи кои во моментов настапуваат во Италија и за нив ова е допонително мотивирачки.
„Да се игра против Италија секогаш е тешко, но тоа е и голема мотивација. Меѓутоа без разлика на сѐ, колку и да изгледа тешко никој што е дел на репрезентацијата не смее да помисли да се опушти предвреме. Треба да вложиме максимум напори и веруваме дека можеме да дојдеме до позитивен резултат“ вели Александар Трајковски.
Освен дуелот на Олимпико Гранде Торино меѓу Италија и Македонија денеска во нашата конкуренција Г од квалификациите од СП играат и Шпанија-Албанија и Лихтенштајн-Израел.





