На сите верници од исламска вероисповед им упатувам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник ‒ Рамазан бајрам, порачува претседателката Гордана Сиљановска Давкова во честитката до муслиманските верници.
,,Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските.
Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме.
Живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти. Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми. Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани.
Честит Рамазан бајрам”, стои во честитката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова до верниците од муслиманската вероисповед.





