Дачиќ: Нè предупредуваат од ЕУ што велиме Република Македонија!

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, се пожали на проблемите што неговата земја ги има со користењето на името Република Македонија за јужниот сосед.



„Нас нè предупредуваат oд ЕУ што го користиме терминот Република Македонија, имаме проблеми во преговорите со ЕУ… велат мора БЈРМ. Ни удираат чврги што ја признавме Македонија под нејзиното уставно име, Грците се лутат, ЕУ се лути, а Македонија и гласа за Косово во УНЕСКО. Сакате да бидеме пријатели? Сакаме, но тоа мора да биде обострано“, изјави Дачиќ во емисијата „Кирилица“ на српската телевизија Хепи, констатирајќи дека во Македонија владее мислење дека Србија работи против неа.

Шефот на српската дипломатија смета и дека регионот сè уште не е стабилизиран, предупредувајќи на можноста од нови конфликти.

„Само слеп човек може да верува дека е ставена точка на проблемите на Балканот. Регионалниот конфликт ќе трае додека траат причините за тие проблеми. Ако сите проблеми ги ставате под тепих, ќе се сопнете од тепихот“, рече Дачиќ и додаде: „Дали се отстранети проблемите поради кои избија војните на Балканот – не. Ова е само интермецо меѓу некои нови судири, не поради Србите, туку поради нерешените прашања на Балканот. Ако големите сили тоа не го сфаќаат, тие прават проблем и ќе се вртиме во круг“, изјави тој.

Дачиќ повеќе не сака да го слуша заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји, порачувајќи дека „тој може кај мојот помошник, заменик…“, барајќи лично претседателот Доналд Трамп или државниот секретар Рекс Тилерсон да ѝ кажат на Србија ако имаат нешто во врска со соработката со Русија.

„За нас единствено решение е да се разговара со Трамп и со новата администрација, бидејќи Стејт департмент тоа (лобирањето – н.з.) никогаш нема да го покрене од мртва точка“, рече тој, објаснувајќи дека кога бил во Вашингтон, покрај советникот за национална безбедност на Трамп, Мекмастер, седел Бајрактари, кој по потекло е од Косово.