Директорот Драган Спасов-Дац ја губи директорската фотелја во Македонски народен театар, откако под дејство на алкохол вчеравечер со својот автомобил удрил во 21-годишна девојка во скопската населба Кисела Вода.
Во Владата размислуваат на првата наредна седница Дац да биде разрешен откако од Министерството за внатрешни работи беше потврдено дека тој е учесник во сообраќајката.
Од МВР не откриваат колку промили алкохол биле измерени во крвта на Спасов, но неофицијално на социјалните мрежи се споменуваат засега непотврдени 2,35 промили, што е далеку над дозволените 0,5.
Несреќата се случила вчера околу 19:20 часот на улицата „Антон Попов“ во Скопје, кога 54-годишниот Спасов со автомобил „БМВ“ удрил во пешакот Е.С. (21), која итно била префрлена во Градска болница „Св. Наум Охридски“. По укажаната лекарска помош, повредената е пуштена на домашно лекување.
Истрагата за овој настан е во тек.





