„Пропадна и обидот да се одржи седница на Комисијата за надворешна политика. Претставниците на СДСМ повторно инсистираа да се расправа за законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства. Претседателката на комисијата Илире Даути повторно го одби предлогот на пратеничката на СДСМ.“ – објави информативната агенција за албански јазик Илирија-ИНА во својата информација со наслов „Илире Даути на македонските пратеници: ‘Бранителите’ нема да поминат кај мене“. Инаку, Илире Даути е пратеничка во Собранието од редовите на крилото на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, а едновремено таму е и потпретседателка.
Натаму агенцијата пишува: „Ако сакате оваа комисија, со која раководам, да биде дел од расправите, повлечете го законот од постапка и нека ги вклучи сите страни, како што налага уставот на Р*М. Во спротивно можеме милион пати да ја свикаме оваа комисија и исто толку пати истава точка нема да може да биде додадена во дневниот ред.“ – рече Илире Даути.
Славјанка Петровска рече дека законот, што го претстави заедно со нејзината колешка Тренчевска опфаќа дел од семејствата на припадниците на безбедносните сили, кои не се вклучени во постојните закони.
„Целосно сте го погрешиле местото каде што барате да се случи нешто, што веќе се случило некаде. Таквиот закон, во формата како што сте ја предложиле, запишете го некаде, да го запаметите, тој нема да помине преку мене.“ – нагласи Илире Даути.
Пратеничката на коалицијата Вреди Имерлие Салиу возврати, бранејќи го ставот на претседателката на Комисијата Илире Даути. „Со таквото ваше инсистирање ние им нанесуваме штета и на нашите гласачи и на вашите гласачи. Гледајќи ја вашата природа, уште еднаш сум принудена да кажам дека целосно се согласувам со претседателката на комисијата Илире Даути и оти за оваа точка сите ние, Албанците, имаме еден заеднички став: нема да се дозволи такво нешто.“ – посочи Имерлие Салиу.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ побара да се гласа веднаш за предлогот, но и ова барање беше одбиено од претседателката на комисијата Даути.
Седницата на Комисијата е прекината и се уште не се знае кога повторно ќе се состане, за да се продолжат дискусиите.





