Дармановиќ: Поучени од Македонија, чекањето други за во ЕУ не е добро

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, се залага за тоа секој од шесте претенденти од Западен Балкан за членство во Европска унија да биде оценуван индивидуално и така и да напредува кон Брисел, без да чека друг(и).



Во интервју за црногорската новинска агенција МИНА, Дармановиќ изјави дека не верува во „вештачки пакети“ и оти секое вештачко задржување на поедини земји за да ги чекаат останатите не е добро за безбедноста на Западен Балкан.

„Земете го, на пример, случајот со Македонија, чие општество е веќе речиси десет години на чекање и за малку ќе дојдеше до работ на колапсот, но, за среќа, сè добро се заврши“, изјави тој.

Дармановиќ се надева дека на самитот во Брисел во јуни Македонија конечно ќе стане членка на НАТО, што, според него, многу би придонело за стабилноста во регионот.

„Новата Влада во Македонија изрази подготвеност посериозно да влезе во процесот на решавање на проблемот со Грција околу името. Постои извесен оптимизам во меѓународните кругови дека тој проблем би можел да биде решен на задоволителен начин за двете држави. Ако тоа и навистина се случи, би можеле да се создадат услови за значителен пробив по прашањето за членството на Македонија на наредниот самит на НАТО во Брисел“, изјави шефот на црногорската дипломатија.