Косовскиот парламент вчера го одобри предлог-законот за изнајмување на дел од затворскиот простор на Данска, која се соочува со пренатрупан затворски систем.
Според договорот потпишан пред две години, данските власти ќе испраќаат странци осудени во Данска на отслужување на казната во Косово. Договорот не се однесува на данските граѓани, затворениците осудени за тероризам или воени злосторства и ментално болни затвореници.
Косовските пратеници го поддржаа законот со 86 гласа, додека седум пратеници беа против, пишува Асошиејтед прес.
Според Законот, вели дека Данска ќе добие 300 ќелии во затворот во градот Гнилање, јужно од Приштина, за 10 години користење.
Сè уште не е јасно кога Данска, која се согласи да му плати на Косово 210 милиони евра за користење на затворскиот простор, ќе почне да испраќа осуденици на Косово.
Договорот предвидува и можност за депортирање на странци директно во нивните матични земји по завршувањето на нивната казна во Косово.
Косовските власти најавија дека парите од Данска ќе ги потрошат за подобрување на затворските институции.
Косовскиот затворски систем има капацитет да смести до 2.800 затвореници.
Данскиот министер за правда Питер Хумелгард резултатите од вчерашното гласање ги нарече „навистина добри вести“.
„Истовремено, тоа испраќа јасен сигнал до странските криминалци дека нивната иднина не е во Данска и затоа тие не треба да ја отслужуваат казната овде“, истакна Хумелгард. Дански управник ќе управува со објектот во Косово, потпомогнат од локалниот затворски персонал.






