Термин „Македонија“ како дел од сложено име, но на македонски, и без превод на други јазици, се споменува како многу извесно решение за името, пишуваат грчки медиуми.
Шпекулациите на дел од грчкиот печат дека предлогот за идно име на Република Македонија би бил „Нова Македонија“, имаат мал дефект: „Нова“ не е географска одредница за каква долго се зборуваше (Горна, Северна), туку историска одредница и според многу наши експерти тоа е едно од најлошите решенија бидејќи и го одзема историскиот континуитет на државата.
Нова Македонија, напишано со латинска азбука би било „Nova Makedonija“, без англиска транскрипција а, сакале или не ќе се изговара „Македониџа“ со што на голема врата се враќа предлогот што беше отфрлен пред многу години.

„Името на Скопје велат дека ќе биде решено. ‘Нова Македонија’ ќе биде името“, откри Василис Левентис, претседател на грчката парламентарна партија Унија на центристи, за каналот „Е“, изговарајќи го името во македонска верзија, без англиска транскрипција.
Левентис рече уште дека „Скопјаните не сакаат име со географска одредница“ и оти „име што би го вклучило зборот Македонија им дава можност да ги задржат статуите што ги има во некои делови од нивната земја“.
Во текстовите на телевизиите „Скај“ и „Антена“,весниците „То Вима“, „Катимерини“ и „Естиа“, но и во изјавите на пратеникот на „Неа демократија“ Јоргос Кумуцакос се во насока дека крајниот договор би бил сложено име напишано на македонски јазик и кое ќе се изговара на македонски, пренесува МИА.
Лидерот на Независни Грци, по мини министерскиот совет во премиерската палата во четвртокот, се изјасни дека останува на неговите позиции, потенцирајќи дека „грчкиот термин Македонија е цврста национална позиција“.
Токму придавката „грчкиот“, пред зборот „термин“ е она што прави разлика во однос на досегашните изјави на Панос Каменос кој досега говореше за неприфаќање на употребата на „терминот Македонија“.
Сега, изјавата на Каменос беше доволна медиумите во Грција да започнат со анализи и предвидувања.
„Веројатно, за грчката страна, излез би било словенскиот превод на терминот Македонија“, напиша „Катимерини“ по завршувањето на состанокот.
За „Нова Македонија“, но како име со превод на други јазици, прва објави грчката телевизија „Стар“ минатиот месец, која тврдеше дека тоа е името што доминира и името што се наоѓа на масата во Брисел на средбата Метју Нимиц со Адамантиос Василакис и Васко Наумовски.





