Дали министерот за правда незаконски за член во Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители ја поставил шефицата на кабинетот

Од извори во Државната комисија за спречување на корупција дознаваме дека до антикорупционерите пристигнала анонимна пријава за незаконско постапување на министерот за правда Игор Филков.



Од една страна согласно член 9 став 5 од Законот за академија за судии и јавни обвинители министерот за правда има право да номинира член во Управниот одбор на Академијата за судии и ЈО редот на раководните административни службеници во Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на раководна позиција и со позитивни резултати во работата.

Но од друга страна согласно член 28 став 1 од Законот за административни службеници определени работни места во кабинетите на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Македонија, генералниот секретар на Владата на Република Македонија и кабинетите на министрите, утврдени со актите за систематизација на работни места се утврдуваат како посебни работни места во кабинет.

Позицијата на Лазареска Героска како шеф на кабинет на министерот и дава друг политички статус кој може да е спротивен на изборот за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители.

Согласно наводите од претставката до ДКСК, со назначувањето на Лазареска Геровска за кабинетски службеник – шеф на кабинет согласно член 28 став 1 и 2 од Законот за административните службеници, истата повеќе не врши работни задачи на работното место државен советник на кое работела пред нејзиното назначување за кабинетски службеник, односно во моментот на назначувањето не е раководен административен службеник во Министерството за правда во смисла на член 9 став 5 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители.

Дополнително, во анонимната претставка e наведено дека Радица Лазареска Геровска покрај тоа што била именувана за член во Управниот одбор на Академијата за судии и ЈО, истовремено била назначена од министерот за правда и за член на Управниот одбор на Агенцијата за управување со одземен имот што е спротивно на член 49 став 2 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси каде е утврдено дека вработен во јавниот сектор, може да биде член само во еден управен или надзорен орган во трговско друштво, јавните претпријатија, агенции, фондови и други правни лица со доминантен државен капитал.

Според член 14 став 2 алинеја 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители член и заменик-член на Управниот одбор се разрешува ако постапат спротивно на прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.

ДКСК е на потег да утврди дали и во овој случај, како што беше случајот со номинацијата на членови во УО на Академијата за судии и ЈО од страна на Судскиот совет и Советот на ЈО има акумулација на функции, судир на интереси и незаконска номинација.

Неодамна поранешниот министер за правда Кренар Лога преку статус на Фејсбук објави дека иако Филков е на чело на министерството за правда, министерството оперативно го води Радица Лазареска Геровска.

Лазареска Геровска во 2019 година тогаш како државен секретар во министерството за правда беше кандидат за член на Комисијата за спречување на корупција.