Дали и кога Македонија ќе му подигне споменик на прославениот, но и заборавен партизански командант од Егејскиот дел Илија Димовски – Гоче?

Пишува: Свето Тоевски



Веќе многу години во распаднатиот гроб на гробиштата во Бутел, во Скопје, почиваат посмртните останки на Илија Димовски – Гоче (1905, Статица, Костурско — 26 јуни 1961, Скопје), прославениот партизански командант, македонски национален деец од Егејскиот дел на Македонија и борец за националните права на Македонците под Грција. Недостојно е за Македонија како држава, што дозволува на ваквите нејзини истакнати синови, на овој голем Македонец да не му го знаат ниту гробот, а тој да тлее во заборавот, далеку од колективното паметење на својот македонски народ, со сето она што го даде за неговата слобода и држава. Денес, на денот кога се навршува 63-тата годишнина од неговата смрт во Скопје, публицистот и историчар д-р Ицо Најдовски – Перин, кој живее и работи во Мелбурн, во Австралија како уредник на Македонската радио програма „ЗЗЗ“, ја реактуелизира својата иницијатива македонската држава да му го уреди разурнатиот гроб на својот знаменит син Илија Димовски – Гоче и да му се оддолжи барем делумно со изградба и поставување споменик на соодветен јавен простор во Скопје.

Во денешната изјава за информативниот портал „Експрес“ д-р Ицо Најдовски – Перин истакнува: „Илија Димовски – Гоче како истакнат македонски борец и командант на македонските партизани за време на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција го привлече моето внимание за време на истражувањето за мојата докторска дисертација. Во архивата на Австралија и Британија постојат записи од Винстон Черчил. Јас прв пат го најдов неговиот гроб во 2015 година. Се наоѓа покрај гробот на Михајло Апостолски, командантот на Главниот Штаб на македонската војска во Втората светска војна, во скопски Бутел.“

„Тогаш дојдов до идејата за споменик за Гоче. Бев трогнат и со солзи на очите како е можно да не му се знае гробот на еден таков еден голем борец за слободата на македонскиот народ, како е можно да се дозволи неговото последно почивалиште да се најде во таква состојба: распаднато, а неговата фотографија испадната од надгробната плоча.  Бев лут на македонските власти и на познавачите на македонската историја, особено во Егејска Македонија. Тогаш ја покренав иницијативата и имав намера да се сретнам со тогашниот премиер Никола Груевски. Но, заради сега познатите причини до средба не дојде.“

„Иницијативата остана во мене и живееше со мене и често пати зборував за неа на Македонската радио програма ‘Трипл зед’ од Мелбурн. За ова минатата година зборував и на одбележувањето на 75 годишнината на ранетите борци во Катланово. Притоа го спомнав и Илија Димовски – Гоче. Со Ташко Јованов, како дете прогонет во 1948 година од Егејскиот дел на Македонија, заедно повторно отидов кај гробиштата во Бутел и кај директорот, за да добиеме дозвола за споменик. Македонскиот иселеник во Канада Ѓорѓи Плуковски искажа своја согласност и тие да помогнат за изградба и поставување на споменикот на Гоче.“

„Ја приведувам сега оваа своја иницијатива до надлежните институции и органи на Република Македонија, но и до соодветните локални власти во Скопје, да започнат со таа долгоочекувана и барана активност: да му се уреди гробот на Илија Димовски – Гоче и да му се крене споменикот, за да можат сегашните и идните македонски поколенија секогаш да се запознаваат со личноста и револуционерното дело на овој голем Македонец, кој ја задолжи многу својата татковина Македонија.“ – ја завршува д-р Ицо Најдовски – Перин својата изјава за „Експрес“

Инаку, во работничкото и македонското националноослободително движење Илија Димовски – Гоче се вклучил во предвоениот период. Учесник е во ВМРО (об.), поради што е прогонуван и интерниран. Во 1941 година се отцепил од Комунистичката партија на Грција и формирал засебна македонска партиска организација со македонска национална платформа. Од 28 февруари 1943 година е командант на Партизанскиот одред „Вичо“. На 2 август 1944 година станал комесар, а набргу и командант на Леринско-костурскиот македонски баталјон во составот на ЕЛАС.

На 12 октомври 1944 година е поставен како командант на Леринско-Костурската македонска бригада, а на 18 ноември 1944 како командант на Првата егејска ударна бригада. Оваа бригада е првата, која продефилирала во ослободена Битола. Во Битола Гоче го подигнува македонското знаме кај пожарната. Во септември 1946 командувал со македонските партизански единици на Народноослободителниот фронт на планината Вичо, а во почетокот на 1947 со баталјон на Демократската армија на Грција. Бил член на главниот одбор на НОФ на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Илија Димовски Гоче со Првата македонско – егејска ударна бригада учествувал и во завршните операции на македонската војска за ослободувањето на западниот дел на Македонија: во ослободувањето на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар. Носител е на Партизанска споменица од 1941 година.