„Од Демократската унија за интеграција бараат повлекување на амандманот, што денеска беше изгласан во Правно-законодавната комисија, со кој полагањето македонски јазик станува услов за да се стане директор во основно училиште. Од ДУИ велат дека овој чин е ‘јасен доказ за агендата за поларизирање на општеството и маргинализирање на заедниците, кои не го зборуваат македонскиот како мајчин јазик’.“ – објави ТВ 21.
Во оваа реакција на ДУИ, која претставува тешка провокација врз етничка основа во државата Македонија, натаму се изнесува: „Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на парламентарното мнозинство, кое во Правно-законодавната комисија изгласа дискриминаторска измена во рамки на Предлог-законот за основно образование. Со овој амандман, предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од пратеничката на Вреди, како услов за именување директори на основните училишта се предвидува полагање на испитот за познавање македонски јазик. Овој предлог е отворен напад врз директорите на училиштата, кои успешно ја вршеле својата работа. Овој предлог е и обид за создавање непотребни бариери и етнички поделби. Парламентарното мнозинство наместо да се насочи кон подобрување на квалитетот на образованието, поставува вештачки пречки кои не им служат на интересите на учениците и наставниците.“





