На социјалните мрежи се шират вирални објави во кои се тврди дека Европската унија планира да ги забрани американските платежни картички како Visa и Mastercard, како и странските платформи за онлајн плаќање како PayPal и Alipay – пренесува Фактор.
Според некои објави на платформата X, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард наводно најавила замена на овие системи со европски алтернативи, а една објава на холандски дури тврди дека сака да воведе дигитално евро како замена за овие начини на плаќање.
Сепак, овие тврдења се неточни и се засноваат на изјави на Лагард кои се извадени од контекст. Во интервју за ирската радио станица Newstalk на 2 април, Лагард зборуваше за потребата да се намали зависноста на Европа од американската и кинеската технологија. Таа може да се слушне во интервјуто, приближно во 6:20 часот, како ја нагласува важноста од развивање на сопствената европска инфраструктура за дигитални плаќања, пишува Јуроњуз, а пренесува Вечерњи лист.
„Во моментов, повеќето од нашите дигитални плаќања – без разлика дали се работи за е-трговија, трансфери од лице на лице или користење на картички и мобилни телефони – се потпираат на инфраструктура надвор од Европа“, рече Лагард.
„Кога користите картичка или телефон, плаќањата обично се одвиваат преку системи како Visa, Mastercard, PayPal или Alipay. И од каде доаѓаат овие системи? Од САД или Кина. Целата инфраструктура што овозможува кредитни и дебитни плаќања не е европско решение. Треба да ја намалиме таа ранливост и да се осигураме дека постои европска алтернатива, за секој случај. Никогаш не знаете“, додаде таа.
Од нејзините зборови е јасно дека таа се залага за развој на европска алтернатива која би постоела заедно со постоечките системи, а не за нивно укинување.
Целиот текст на следниот линк:





