Дали Бујар Османи ја злоупотребува функцијата за претседателска кампања?!

Прашањата кои ги отвори претседателскиот кандидат и шеф на дипломатијата Бујар Османи според експертите тој ги користи и во полза на својата кампања, пишува РСЕ.



Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во Обединетите Нации (ОН); барање да се одржи седница на Советот за безбедност поради евентуални безбедносни реперкусии по нападот на Иран врз Израел; државата да излезе од регионалната иницијатива Отворен Балкан.

Ова се дел од одлуките и предлозите за важни прашања од надворешната политика што изминатите денови од говорницата во Министерството за надворешни работи ги соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи. Денеска (17 април), пак, во улога на претседателски кандидат од коалицијата на ДУИ – „Европски фронт“, тој беше дел од дискусија за резолуцијата за Сребреница, во седиштето на партијата Босанска демократска лига (БДЛ).

На ПРАШАЊЕТО дали смета дека успешно прави разграничување на активностите како министер и претседателски кандидат, тој не одговори конкретно, пишува РСЕ.

„Одлуката за коспонзорирањето (на резолуцијата за Сребреница) е одлука на министер за надворешни работи и сум дал инструкции за нашиот амбасадор во ОН да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата. Денеска сум поканет од страна на Сојузот – двајцата министри за надворешни работи на БиХ и на Северна Македонија, за да ја објасниме резолуцијата пред граѓаните. Мене ми е посебно задоволство што имам можност затоа што навистина не очекував реакции, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии“, одговори Османи.

Дали за Сребреница, но и за останатите прашања што ги покренува министерот за надворешни работи има координација во државниот врв?

За неговиот предлог за излегување од Отворен Балкан, на пример, претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека немало консултации.

„Ставот на претседателот за таа иницијатива е изнесен повеќе пати во јавноста, но со оглед на изборниот период нови консултации на тема не се направени“, велат од Кабинетот на претседателот за РСЕ.

Пендаровски претходно даваше поддршка за иницијатива, но и нагласуваше дека голем недостаток е што во неа се само три држави.

„Неискрена политика“ и „излегување од рамките на МНР“

Дел од аналитичарите гледаат искористување на просторот што го нуди функцијата во полза на претседателската кампања.

Токму изјавата на Османи дека на првата владина седница на која тема ќе биде Отворен Балкан тој ќе предложи излегување од иницијативата, политичкиот аналитичар Бесим Небиу го посочува како пример.

„Неискрена политика, кроена не од вредности или долгорочни стратегии туку од моментални потреби на кампањата. Господинот Османи и неговиот шеф Али Ахмети беа главни промотори на Отворен Балкан сиве овие години, и ја убедуваа јавноста дека ова е европски проект. Промената на став од вакви драстични пропорции, преку ноќ, кажува за нивниот однос кон политиката – не е воден од некаква голема политичка визија, како што претендираат“, смета Небиу.

Османи најавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во МНР за критиките што на негова адреса ги упатува албанска опозиција.

Целиот текст прочитајте го тука.