На 2 Август 1944-тата, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
-Ќе зборувам како партизанска ќерка. Илинден е ден на светлината и на слободата. На овој празник над празниците се потсетуваме на двете етапи на вековната македонска борба за слобода и за државност, рече претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
На овој ден над деновите се сеќаваме на двете илинденски поколенија – на Гоце Делчев и на Кузман Јосифовски-Питу, на Никола Карев и на Методија Андонов-Ченто. А таа силна врска меѓу двете етапи и двете генерации најдобро ја изрази Панко Брашнаров, живиот сведок на двата Илиндени. Пред 80 години, во манастирот „Св. Прохор Пчински”, тој со треперлив глас, како мојов, воскликна дека по вековните борби и жртви „се роди нова, светла и слободна македонска држава”. Но, како дојдовме до тој победоносен Илинден? Во 1939-тата, пред 85 години, неколкумина млади напредни македонски интелектуалци објавија една мала, но многу важна книга. Насловена „150 години од Француската револуција”, оваа брошура меѓу кориците ги собра француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот од 1789-тата и Крушевскиот манифест од 1903-тата година. Клучната поента на оваа книга е дека секој народ има своја Француска револуција. И дека токму Крушевската Република, „иако мала по обем и краткотрајна”, со својот полет, одушевување и идеали „многу потсетува на првите денови на Големата револуција – рече Сиљановска.Секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и новите можности.
Ако денес, 80 години потоа, ги прашате младите генерации, кое човеково право им е најважно, верувам дека огромен дел од нив ќе речат – правото на напредок, правото на потрага по среќа. Потрагата по среќа, за мене, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право, што најпрво било прокламирано со Американската револуција, и било потврдено со Француската револуција, било прегрнато од нашите илинденци и асномци и, преку нив, вградено во македонската република.
И тоа не е случајно, бидејќи републиката постои заради граѓаните, заради вас, за да им овозможи, за да ви овозможи, да ја достигнете среќата, да создавате вредности, да напредувате не врз основа на врски, привилегии и протекции, туку само и само со врз основа на знаењето, квалитетот и способностите. Тоа е целта на постоењето на секоја република, вклучително и нашата, независна македонска република. Во 1991 година, таа беше конституирана за да „се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок“, повторувам, „напредок на личниот и заедничкиот живот“. Повеќе од многу други човекови права и слободи, токму правото на напредок, на потрага по среќа е сврзано со младите. Тоа е нервот што ги придвижува младите луѓе, ги мотивира да се надградуваат, да се натпреваруваат, да бидат активни, да бидат граѓани коишто се залагаат за позитивни општествени промени. И затоа, повеќе од многу други права, токму од правото на прогрес зависи иднината на републиката“, посчи таа.





