Албанскиот премиер Еди Рама утре ќе оди во Солун на средба со албанската дијаспора.
Грчките ултранационалисти планираат да го пречекаат со протест, на кој главниот говор ќе го одржи претседателот на грчката ултранационалистичка партија, Национален фронт, Димитрис Валасидис, објави „Топ ченл“.
За време на протестот на улица ќе бидат фрлани летоци на кои ќе пишува „Слобода за Ворио Епир“ (Слобода за Северен Епир), јужниот дел на Албанија, гаде главно е концентрирано грчкото малцинство.
Албанскиот премиер на Фејсбук ја најави средбата со албанската дијаспора во Солун:
„Со особено задоволство ќе се вратам кај Албанците во Грција, овој пат во Солун, каде историјата не поврза со илјада нишки и денес не обединува повеќе од кога било, со нашите јужни соседи, како два европски народа, кои дури и за неколку години ќе бидат рамо до рамо во Европската Унија“, напиша Рама.
Средбата, која се одржува под познатото мото „Горд за Албанија“ е закажана за во 11 часот во хотелот „Порто Палас“.
Првата средба со Албанци кои живеат во Грција тој ја одржа во Атина на 12 мај.






