Грчки сеизмолог не исклучува вулканска ерупција на Санторини!?

 

Професорот Костас Синолакис, експерт за природни катастрофи, во изјава за грчката ТВ „Мега“ се воздржа од предвидување колку долго би можел да трае тековната сеизмичка активност што го зафати Санторини од крајот на јануари.



Силна сеизмичка активност е забележана меѓу Санторини и Аморгос од вторникот наутро, по земјотресот со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала – најсилниот досега забележан – во понеделникот вечерта.

Синолакис наведе три можни сценарија.
Најдобро сценарио е дека сеизмичката активност постепено слабее и стивнува, слично на настанот од пред нешто повеќе од една деценија.

Второ, дека следува силен земјотрес со непредвидлива сила.

Третата можност е ерупција на вулкан од мал обем на Неа Камени – ненаселен остров во калдерата на Санторини – или на подводниот вулкан Колумбо, кој се наоѓа на околу 8 километри североисточно од островот.

Објаснувајќи го сценариото за ерупција на вулкан, тој увери дека тоа не е причина за страв.

Во изминатиот век, Санторини доживеа три мали вулкански ерупции, „колку што знаеме, сите без жртви“, вели Синолакис.