Македонско семејство на одмор во Грција пред неколку дена било запрено од грчка полициска сообраќајна патрола во близина на Неа Каликратија во близина на Солун по што кон нив биле преземени мерки невообичаени за полицијата кај јужниот сосед.
Според полицискиот записник возачот на возилото со македонски сообраќајни таблички не запрел на знак „Стоп“ по што бил запрен од сообраќајните полицајци кои што ги одзеле регистерските таблички, пасошот на возачот и возачката дозвола. Возачот бил со својата сопруга и бебе старо неколку месеци.
Возачот бил казнет со казна во висина од 350 евра односно половина од максималната казна за ваков вид прекршок по што му го вратиле пасошот но му рекле дека регистарските таблички ќе може да ги подигне по 20 дена иако семејството наредниот ден се враќало во Македонија.
Случајот кој што го објави лидерот на партијата на Македонците во Грција Павле Воскопулос, засега завршил со тоа што семејството се вратило во Македонија по што за 20 дена возачот ќе треба да се врати во Грција за да ги подигне табличките а најверојатно ќе мора и да се појави на суд.
Според дел од коментарите на постот на Воскопулост, грчки граѓани упатени во грчките закони тврдат дека грчките полицајци имаат право да изречат парична казна или да предложат мерка забрана за влез во земјата но во никој случај не смеат да одземаат регистерски таблички затоа што тие се сопственост на граѓанин на друга држава.
Според Воскопулос причината за ваквиот селективен пристап на грчките полицајци се тоа што возилото односно возачот кој направил прекршок е од Македонија.
Дел од коментарите на грчките граѓани сугерираат македонскиот возач да побара правна помош од македонската амбасада во Атина или од конзулатот во Солун затоа што грчката полиција го прекршила меѓународното право со одземање на странски имот за сообраќаен прекршок.




