Партијата „Независни Грци, помалиот коалиционен партнер во владејачката коалиција во Грција, одговори на интервјуто на лидерот на најголемата опозициска партија, Кирјакос Мицотакис во кое тој ги повика Алексис Ципрас и Панос Каменос да излезат пред јавноста со заеднички предлог за име на северниот сосед или „да си одат“.



„Претседателот на Независни Грци Панос Каменос има јасна позиција за прашањето за името на Скопје и го формулираше директно и јавно. Несреќата за г-дин Мицотакис е дека тој нема храброст да го изрази своето мислење и да се крие зад позициите на г-ѓа Бакојани, која го поткопа (тогашниот претседател –н.з.) Караманлис со ветото за Скопје на самитот во Букурешт“, соопшти Мандалена Пападопулу, портпарол на грчката националистичка партија.

Пред неколку дена, Панос Каменос одново изјави дека нема да се согласи со име за Скопје што ќе го содржи, според него, „грчкиот термин Македонија“, што за опозиционата Неа демократија била „ужасна ситуација, опасна за интересите на земјата“ и ги повика владините партнери „да се согласат и да се договорат за позицијата што треба да ја презентираат“.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас од владејачката Сириза, не го открива предлогот, но порача дека решението на спорот не се однесеува само на името на државата туку и на изведениците од тоа име. Кое – не кажува.

Каменос останува на позициите дека треба да се почитува ставот на Советот на политички лидери од 1992 година, свикан од тогашниот претседател Константинос Караманлис, дека Грција не треба да прифати име за Скопје кое ќе го содржи зборот „Македонија“.

Но, поранешната министерка за надворешни, Дора Бакојани, го обвини Каменос дека тој веќе два пати гласал за име Македонија со географска одредница, за кое грчката страна била согласна пред Самитот на НАТО во 2008 во Букурешт.