Димитрис Куцумбас, генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција (ККЕ), во интервју за грчкото радио Реал изјави дека името на северниот сосед што ќе произлезе од преговорите мора да има географска одредница.
„Ако во името што ќе биде договорено се спомене зборот Македонија или негов дериват, треба да има само географска одредница, за да не се остави можност за оживување на национализмот и иредентизмот“, рече тој.
Интензивирањето на разговорите за прашањето за името, според него, е под притисок на САД и има за цел понатамошно интегрирање на соседната земја во „евроатлантскиот империјализам“.
„САД, НАТО и ЕУ не можат да ги вакцинираат со ‘мир’ и со ‘безбедност’ односите меѓу Грција и БЈРМ. ККЕ од самиот почеток нагласува дека прашањето за името не е клучно во однос на обезбедувањето на мирот. За да се оствари тоа, потребна е борба на народите и спречување на империјалистичките планови“, додаде Куцумбас.





