Грчката влада го минимизира протестот, убедувајќи дека потфрлил

Ден по митингот во Атина против употребата на зборот „Македонија“ во името на северниот сосед, во Грција сè уште се води војна со броеви меѓу организаторот и Владата, која настојува да убеди дека протестот потфрлил.



Сигналите од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас се дека, поради „разочарувачкиот одѕив“, нема потреба ни од референдум, ни од промени во преговорите по демонстрациите.

Наспроти тврдењето на организаторот за присуство на 1-1,5 милиони луѓе и официјалната бројка од 140.000 според полицијата, министерот за заштита на граѓаните Никос Тоскас, отиде најдалеку во минимизирањето на масовноста.

Познат по бранењето на полицијата за нејзината неактивност во различни кризни ситуации во Атина во изминатите години, тој го помина 5 февруари јавно бранејќи ја полициската методологија во изработката на проценките, според која плоштадот „Синтагма“ можел да прими најмногу 35.000 демонстранти. На тоа реагираа неговите опоненти, тврдејќи дека полициските видеа се фалсификувани, додавајќи дека на снимките нема датум.

„Повеќето набљудувачи, пак, се согласуваат дека демонстрациите беа значително поголеми од сите протести против штедењето во текот на изминатите седум години. Но, официјалното признание дека посетеноста достигнала, да речеме, 500.000 луѓе, би имало големи импликации врз владината политика и веројатно би ја ослабнало решителноста на пратениците од владејачката коалиција да го поддржат договорот преку ратификацијата, или уште полошо. Оттука, секое настојување да се внесе конфузија околу вистинските бројки има подлабока цел“, заклучува порталот „Њу Јуроп“.