Грчев најави уривање споменици од „Скопје 2014“

Спомениците на Андон Јанев-Ќосето и на Мајка Тереза, треба први да бидат отстранети, а по нив и тие на Александар Македонски, на Филип Втори и на порта „Македонија“, најави претседателот на Комисијата за „Скопје 2014“ при Министерството за култура, Мирослав Грчев.
„По завршувањето на комплетните елаборати за спомениците ‘Ќосето’ и ‘Мајка Тереза’, каде што беше утврдена нерегуларност од повеќе аспекти и беа приоритетни пред Комисијата за ‘Скопје 2014’, следни на увид се ‘Александар’, ‘Филип’ и портата ‘Македонија’. Во овие случаи најгрубо е прекршена основната законска регулатива, односно Собранието не одлучувало за нив, иако така наложува законската постапка. Со тоа е прекршен Уставот и затоа ќе мора бргу да се реагира. По завршување на елаборатите, како што наложува постапката на Комисијата, тие ќе треба да бидат отстранети“, изјави Грчев за „Макфакс“.
Од Министерството, пак, со став дека за тоа допрва ќе се решава.
„Анализата на проектот ‘Скопје 2014’ се уште не е завршена. Откако ќе заврши ќе се согледаат сите аспекти, па во соработка со другите државни органи, како Град Скопје и Општина Центар, бидејќи најголемиот дел од спомениците се поставени од нив, ќе се одлучи како ќе се постапува. Доколку се утврди дека некој од спомениците треба да се отстрани, тоа ќе се направи согласно законските процедури, а не преку ноќ. Сигурно нема да рушиме ноќе со багер, како што тоа го правеше претходната власт со поставувањето на спомениците“, изјави портпаролот Петрит Сарачини за „Фокус“.