Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас издал налог до сите грчки дипломатски претставништва низа светот да ги следат активностите на македонските дипломати, дијаспората и официјалните претставници на Македонија кои што имаат јавни настапи.
Според грчките медиуми досието треба да ги забележи сите „изливи на иредентизам“ од страна на владата на Зоран Заев и прекршувањата на привремената спогодба.
Според писмените инструкции грчките дипломати треба за сите вакви инциденти веднаш да го информираат министерството во Атина по што ќе бидат преземени други мерки.
Целта на оваа операција е Грција да не остане неинформирана за провокациите од страна на Македонија како онаа со говорот на македонскиот конзул во Канада кој за Илинден говорел пред мапа на „Голема Македонија“.
За сите „иредентистички испади“ на владата на Заев Грција ќе ги информира ЕУ и членките на НАТО од кои ќе бара да ја осуди политиката на Македонија која што според Атина е агресивна и има територијални претензии.
Со постоење на досие за Македонија Грција се надева дека ќе ги успее своите партнери во ЕУ и НАТО да ги убеди да не продолжуваат со напорите за влез на Македонија затоа што таа не ја почитува времената спогодба.
Една од опциите на Грција е и повлекување од „Времената спогодба“ затоа што Македонија не ја почитува, тврди дел од грчкиот печат.
Според весникот досието за Македонија наскоро ќе биде предадено и во Обединетите Нации а насловната страница од документот ќе биде со мотивот „Сонцето од Вергина (Кутлеш)“ за кое Грција тврди дека Македонија не смее да го употребува.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2011 година со одлука на судиите од 15:0 одлучи дека Грција ја прекршила времената спогодба по неколку основи а судиите во образложението објаснија дека Македонија со ништо не провоцирала туку дека Грција е таа која што не се однесува до духот и согласно параграфите на „Времената спогодба“.





