Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе, го суспендира процесот на аплицирање за членство на неговата земја во Европската унија до крајот на 2028 година.
Неговото соопштение дојде откако Европскиот парламент ги осуди парламентарните избори во Грузија на 26 октомври, наведувајќи дека тие не се ниту слободни ниту фер.
Во својата изјава Кобахиѕе инсистира дека Грузија е европска земја и оти „наша одговорност е Грузија да стане полноправна членка на европското семејство“, но дека „односите Грузија-ЕУ се билатерални и можат да бидат само билатерални“.
„Ние сме горда нација со самопочит и со долга историја. Затоа, категорично е неприфатливо за нас да ја сметаме интеграцијата во Европската унија како услуга што треба да ни ја даде Унијата“, порача тој.
Кобахиѕе нагласи и дека Владата ќе ги одбие сите финансии што доаѓаат од Брисел. ЕУ претходно објави дека ја намалува буџетската поддршка за Грузија поради законот за „странски агенти“ и други одлуки донесени од владејачката партија Грузиски сон, кои ги смета за антидемократски.
Бидејќи опозицијата одбива да го признае легитимитетот на новиот парламент и ги бојкотира неговите постапки, Кобахиѕе ќе продолжи како премиер. Грузискиот парламент го одобри неговиот нов кабинет, но местата на опозицијата останаа празни.
Европскиот парламент денеска усвои резолуција во која го критикува Грузиски сон за „демократскиот пад на земјата“, наведувајќи сериозни изборни прекршувања како што се заплашување гласачи, манипулација со гласовите, мешање на набљудувачите и медиумите и манипулирање со електронските гласачки машини.
Европратениците ги прогласија изборните резултати за неверодостојни и ја повикаа меѓународната заедница да не ги признава.
Европските пратеници, исто така, повикаа за санкции од ЕУ против премиерот на Грузија и високи функционери, тврдејќи дека политиките на Владата во Тбилиси се некомпатибилни со целите на земјата за евроатлантска интеграција.
Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ на 14 декември 2023 година.






