Грузискиот парламент на второ читање го усвои законот за „странски агенти“

Грузискиот Парламент денеска, 1 мај, гласаше за усвојување на контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“, кој беше причината за неколкунеделните протести во главниот град Тбилси и предупредувањата од Брисел дека тој потег ќе ги наруши надежите Грузија да стане членка на Европската Унија, пренесе РСЕ.



Со 83 гласа „за“ и 23 „против“, пратеницита гласаа за усвојување на нацрт-законот во второ читање по жестоката дебата која вклучуваше исклучување на четворица опозициски пратеници, а потоа дури и тепачка меѓу членовите кои ги претставуваат опозициските и мнозинските партии.

Владејачката партија соопшти дека сакаат законот да биде потпишен до средината на мај.

Гласањето во Парламентот следуваше набргу по судирите меѓу полицијата и демонстрантите во текот на ноќта токму околу законот за „странски агенти“, кој пак многумина го сметаат како одраз на законот што го користи руската влада за да ги задуши неистомислениците во таа земја.

Министерството за внатрешни работи на Грузија објави соопштение во кое ги повикува демонстрантите да не блокираат улици и да не се обидуваат да го окупираат Парламентот. Но, во соопштението, исто така, се вели дека луѓето ќе имаат можност да протестираат на улицата пред и зад зградата.

Во исто време, полициски службеници од единиците на специјалните сили ја презедоа контролата врз улицата на задниот излез од Парламентот, каде што мала група луѓе протестираа.

Полицијата употреби солзавец и водени топови во текот на ноќта за да ги растера нелегалните демонстрации и приведе 63 лица. Петмина демонстранти и шест полицајци се хоспитализирани со повреди.

Целиот текст на РСЕ на следниот линк:

https://www.slobodnaevropa.mk/a/32929459.html