Никола Груевски во третиот дел од интервјуто за магазинот „Република“ им порача на СДСМ и на Зоран Заев прво нешто да изградат пред да почнат да уриваат (споменици), нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ по враќањето на власт сè ќе врати како што било.
„Сите тие, сите војводи, комити и нивни раководители воделе револуционерна, а не литературна борба, бидејќи слободата не можела да се добие без револуционерна борба. Револуционерната борба бара жртви, човечки загуби, ликвидации, и така било и во времето на ВМРО и во НОБ. Замислете сега некој да каже дека Наум Наумовски–Борче бил убиец. Или кој било друг партизан што се борел за ослободување на Македонија со револуционерна борба. Или сите ликови на споменикот на АСНОМ. Апсурд. Ако Ќосето бил убиец, тогаш што биле Гоце и Даме? Нарачатели и наредбодавци на убиецот? Сите се бореле за слободата на Македонија по револуционерен пат, со кама и револвер и со заклетва пред Библијата. Организацијата била политичка, целта слобода и независност, борбата револуционерна. Тоа треба да се слави, а не да се понижува заради дневна политика. Сите тие ризикувале, а дел од нив и загинале за слободата на Македонија и за нашата слобода денес. Во која револуционерна борба за слобода немало убивања и крвопролевања? Во српската? Во грчката, во бугарската, албанската, руската, кога им дошле до Москва и Ленинград? Полска? Франција кога била освоена од фашистите? Во која? Нема такви. Никому слободата и државата не му биле подарени без борба и изгубени животи. Јас би им порачал нешто на СДСМ и на Заев: а да изградевте прво нешто пред да почнете да рушите?!!!“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „Република“.
„Зарем можете да замислите дека некој споменик ќе се тргне и никогаш нема да се врати? На што би личела ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се врати на власт да не ја исправи таа неправда направена затоа што некој сакал да лечи хирови или да удоволи на некоја соседна држава?“, ја коментира тој најавата за уривање или преместување на споменици, затворање на Музејот на македонската револуционерна борба и за преименување на аеродромот „Александар Велики“.
„Сè додека во една земја се слават хероите, таа земја ќе раѓа нови херои. И обратно“, заклучи Груевски.





