Груби: ДУИ ќе има кандидат за претседател, Ахмети не прифати да се кандидира, оти е мисионер, а не функционер

„Али Ахмети не прифати да се кандидира за претседател, оти е посветен на својата политичка мисија, а не на државните функции. ДУИ ќе има свој кандидат за претседател, бидејќи другите албански партии не го испочитуваа договорот за поддршка на непартиски кандидат од граѓанската заедница и академскиот свет. Својот кандидат ДУИ ќе го избере од своите редови и тој ќе има големи капацитети да победи на изборите.“ –  изјави вицепремиерот на * Македонија Артан Груби во емисијата А 2 на Си-Ен-Ен во Албанија. Овa го пренесе информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.



„Алмакос“ ја пренесува изјавата на Артан Груби, дадена во овој контекст: „Демократската унија за интеграција ќе има свој кандидат на претседателските избори, и наспроти претходната волја да нема. Имавме договор со овие партии, изведенките на Демократската унија за интеграција во опозицијата, да нема политички и партиски кандидат, туку да има непартиски кандидат од граѓанската заедница, од академскиот свет, кој ќе може да ги претставува сите Албанци, за да не им наштети на Албанците. Но тие не си останаа на зборот и определија свој кандидат, кој вели : ‘Ќе се натпреварувам на претседателските избори само за ВМРО ДПМНЕ, затоа што утре ќе се вратам во општината и не сакам да бидам ниту пратеник, ниту претседател на државата.’ Имајќи ги предвид овие околности, со кои беше урнат ‘џентлменскиот договор’, Демократската унија за интеграција реши да има свој кандидат. Може да се натпреварува Бујар Османи, Фатмир Бесими, Али Ахмети, или кој било друг и да победи на претседателските избори со многу успех. И покрај сите напори да биде убеден Али Ахмети да ја преземе власта, неговиот одговор беше дека е тој мисионер, а не функционер. Досега беше неуспешно секое наше  настојување да го видиме како претседател. Јавноста во Албанија треба да биде запозната за обидот да се намали влијанието на првиот албански премиер на владата на * Македонија преку идејата за прв албански претседател – нешто што тие не можат да го постигнат. Влијанието на првиот албански премиер не можат да го намалат епизодни луѓе.“