Гласањето на законот за јазици е одложено за денеска оти е важно во салата да бидат присутни сите пратеници на СДСМ, од кои се очекува поддршка, бидејќи така било договорено на координациите со колегите од ДУИ.
Ова го изјавил потпретседателот на ДУИ Артан Груби на косовските медиуми, порачувајќи дека колегите од СДСМ ќе мораат да сносат одговорност за она за што се договориле, наместо да „исчезнат од салата“ како во вторникот.
“Законот за употреба на јазиците не се гласаше оти, за жал, некои од пратениците на СДСМ исчезнаа. Не беше одложувањето само затоа што немаше кворум за гласање за законот за употреба на јазиците во Собранието, туку заради барањето сите пратеници на СДСМ да бидат учесници и да преземат одговорност за реализација на владината програма, вклучувајќи го и усвојувањето на Законот за јазиците”. Ова беше заеднички воспоставено во координација со нив”, изјавил Артан Груби, како што пренесува косовски „Бота сот„
Во вторникот, собранискиот спикер Талат Џафери не можеше да го реализира гласањето на законот затоа што во салата имаше само 52 пратеници.
Власта не обезбеди кворум за работа во законодавниот дом и ниту една точка од дневниот ред не помина.





