Груби „апсолутно не верува“ дека Асани би кренал рака на полицајка

Пратеникот од Демократска унија за интеграција, Артан Груби, во вечерашната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма искажа апсолутна убеденост дека неговиот сопартиец Бекир Асани не ја нападнал физички полицајката Јасмина Јаначковска при интервенцијата на пајак-службата околу неговото неправилно паркирано возило вчера на Бит пазар.



„Квалитетот на дебатата не би сакал да го банализирам на овој начин. Многу продуктивна дебата. Значи, да не банализираме, ве молам. И да не мешаме надлежности. Нема партијата одговорност, можеби политичка одговорност. Одговорност има полицијата, обвинителот, Судот и ако имало случај за кој се зборува тука, тогаш, секако, сите институции треба да си ги преземат своите одговорности и секој, според тоа што го направил, да си преземе своја одговорност, без разлика кој и да е. Без разлика дали тој е член на ДУИ, на СДСМ, на ВМРО, премиер, пратеник, министер, претседател на партија. Секој да си сноси одговорност за тоа што го прави. И точка. Затоа, ги повикувам институциите да си го направат своето, својот дел од својата работа, вклучително и полицајката.

Лично, апсолутно не верувам дека би можел да подигне рака, посебно врз жена-полицаец. Апсолутно не верувам. Затоа, си има камери во тој дел од градот, си има многу ресторани, значи среде центар на Скопје, нека се истражи случајот, полицајката исто така со својот исказ нека даде свој придонес. Не земаме во одбрана ниту една личност“, изјави Груби.