Гренланд нема да биде прв пат – Данска веќе отстапила своја територија на САД, потсетува македонски професор

По најавата на претседателот Доналд Трамп дека САД сака да го добие во владеење островот Гренланд кој сега е данска територија се појавуваат информации дека таква ситуација веќе се случила во историјата.



Еден од водечките македонски историчари професорот Далибор Јовановски потсетува дека нема да биде прв пат ако САД добијат данска територија од официјален Копенхаген.

,,Барањето на Доналд Трамп, новостариот американски претседател, Гренланд да биде отстапен на САД предизвика бура во односите помеѓу Вашингтон од една и Копенхаген и Брисел од друга страна. Во историјата на американско – данските односи, не е првпат да се разговара за отстапување на данска територија. Имено, постои еден пример на откупување на данска колонија од страна на САД. Во 1917 година Данска ги продаде Девствените острови, единствената нејзина колонија на Карибите. За разлика од денес, Копенхаген тогаш доброволно се откажа од својата колонија, од економски и социјални причини. Сепак, постои една сличност со денешните состојби. САД ги откупија островите од стратешки причини-да спречат евентуално присуство на германските подморници на Карибите кои можеле да им наштетат на американските интереси. Денес, Вашингтон го бара Гренланд заради национална безбедност односно заради извесната борба за Арктикот. Историската аналогија понекогаш е опасна стапица, но е интересна и потребна”, пишува професорот Далибор Јовановски.