На скала од 1 до 5 судството од граѓаните доби оценка „тројка“ на судовите за услугите кои ги добиваат. Анкетата ја спроведе Коалицијата „Сите за правично судење“ на иницијатива на здружението на судии и се базира на личното искуство на граѓани кои имале директен контакт со судовите во Скопје и услугите кои ги добиваат, и не се однесува на довербата во судството.
Испитаниците најнезадоволни биле од брзината на судските постапки и корупцијата во судството. На 9 проценти од анкетираните им било побарано мито за одреден судски процес.

Претседателот на Здружението на судии Иван Џолев е задоволен од оценката бидејќи според него е во рамки на просекот на судовите во земјите членки на ЕУ, два отсто довербата во судството која ја покажа анкетата на ИРИ, вели дека не ја одразувала вистинската состојба.
- „Ние сме задоволни од резултатите бидејќи станува збор за резултати кои се во рамки на просекот на земји членки на ЕУ. Се испостави дека довербата не е 2% туку е многу повисока да не речам 20%. Треба сите заедно, извршната, законодавната и судската власт да направиме длабоки анализи на овие анкети и заедно да договориме реформи во судскиот систем.“ вели Џолев.

Но за министерот за правда Игор Филков резултатите од анкетата се поразителни. Иако со сегашниот закон, како што рече, нема можност за разрешување на ќленовите на Судскиот совет во Собранието, сепак опцијата вели дека останува.
- „Она што ме радува е што и фелата почна да се занимава со бројки иако тие се во рамките на очекуваното и се лоши. Да оставиме да ги анализираме, да ги разгледаме и да видиме како понатаму. Ова е поразително. Со сегашниот закон нема таква опција, се разгледуваат сите опции. Наскоро ќе имаме брифинг на таа тема.“ вели Филков.
Анкетирани биле 1.100 граѓани кои биле дел од судски предмети, барале административни услуги, како и новинари, адвокати и јавни обвинители. Граѓаните во анкетата ги оценувале Кривичниот, Граѓанскиот, Апелациониот суд и Врховниот суд.





