Граѓаните бараат прегледен приказ на цените во трговијата, без сложени постапки

Потребно е дотерување на јавно објавените цени, бидејќи граѓаните се бунат при пребарувањето низ повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи. Маријана Лончар-Велкова, претседателка на ОПМ, вели дека ни треба компаративна алатка, која со помош на вештачката интелигенција би можела побрзо да се развие, и која ќе овозможи унифициран и прегледен приказ на цените по групи и видови производи. Таа изрази жалење што многу добри идеи во земјава не се доразвиваат.



Организацијата на потрошувачи на Македонија досега нема добиено конкретни поплаки од граѓаните во врска со онлајн цените објавени од маркетите, но оттаму сметаат дека постои потреба од подобрување на нивната прегледност и препознатливост на производите. Како алатка за почеток ќе донесе конкуренција меѓу маркетите, додаваат од ОПМ.

Заменик министерот за економија Марјан Ристески најави дека по еден месец од имплементацијата ќе се сублимираат искуствата и можеби ќе се оди на креирање на општа веб-страница или збирна информација за цените.

Во меѓувреме, задутре истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи, а според Ристески, досегашните резултати се добри, а конечна одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба. Ристески се надева дека учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата и ќе го стават во преден план животниот стандард на граѓаните. Тој исто така информираше дека е при крај изработката на просечната потрошувачка кошничка од страна на Министерството за економија и труд, која по повеќе од 12-13 години ќе биде изготвена од официјална институција – Министерството за економија и труд.