Граматиката на Кепески за македонскиот јазик на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, е столб на македонската јазична и национална свест

„Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков, кој вели: ‘македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците’, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: ‘људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика’.  … составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува потврдување една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите. “ – кажал Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика, за својот најзначаен придонес кон македонскиот јазик. Овие негови зборови се цитирани во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска. Граматиката на Кепески помогна во кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Денешниот 3 ноември, денот  кога пред 36 години починал овој знаменит македонски јазичар, е соодветна пригода за повторно навраќање кон неговиот живот и дело, трајно вградени во темелите на македонскиот јазик и на македонскиот национален идентитет.



Круме Кепески е еден од основоположниците на македонското граматичарство, автор на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Кепески (Прилеп, 8 април 1909 – 3 ноември 1988) ѝ припаѓа на онаа генерација на македонски интелектуалци и творци, што созреваше во годините непосредно пред Втората светска војна и која се вклучи многу активно во столетните стремежи на своите претходници, но и на своите современици.

„Најважната улога на Граматиката на Круме Кепески е што ја разви свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Можеби затоа е поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското.“ – има кажано професорката Снежана Веновска -Антевска од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”.

Кепески: „Ја пишував граматиката на македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум“

Во врска со пишувањето на својата граматика Кепески уште кажал: „Почнав во февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен правописот, а се дискутираше и за азбуката. Значи, почнав да ја пишувам граматиката и пред да се обнароди правописот и пред да се прокламира азбуката. Од првиот правопис ги видов нормите на нашиот литературен јазик, а ги внесов и термините во мојата Граматика. Меѓутоа, требаше темелно да се проучат нашите форми, акцентот, употребата и значењето на членот, да се проучат и глаголските времиња, особеностите на глаголите и уште некои не малку значајни работи. Доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања, што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно, тоа беше македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што го познавав.“

Кепески: Македонското чувство пулсираше низ Пиринска Македонија

Во статијата од 11.11.2023 година под наслов „Сведоштво на граматичарот Круме Кепески за Вечер: Пулсираше македонското чувство… низ Пиринска Македонија“ весникот Вечер, како што наведува, „во контекст на постојаното негирање на македонскиот идентитет, народ, јазик, култура, како и на македонското малцинство во Бугарија од страна на овој источен сосед“, го пренесува изворното сведоштво на Кепески за неговата учителско-македонистичка дејност во Пиринска Македонија во 1947/1948 година. Покрај другото, во своето лично сведоштво овој македонски граматичар има напишано: „Во есента 1947/48 година, во почетокот на ноември, бев назначен за професор на Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоев­град). Во таа учебна година, според спогодбата со НР Бугарија и ФНР Југославија, а по барање на бугарската влада, во сите градови и поголем број пирински села беа назначени учители – професори од НР Македонија, кои предаваа македонски јазик во основните училишта и гимназиите. ... Во Пиринска Македонија мошне брзо се ширеше и македонската книга. Уште во 1947 година, беа отворени македонски книжарници.Во врска со спроведувањето на културно-просветната автономија во Пирин­ска Македонија, во сите поголеми градови се одржуваа и посебни курсеви по македонски литературен јазик за учителите од основните училишта и гимна­зиите родум од Пиринска Македонија. Во учебната 1947/48 година, во Горна Џумаја се одвиваа голем број културно-просветни манифестации.Меѓутоа, информбировската кампања, која почна во летото 1948 година, го прекра­ти овој развој на полето на културата и просветата на македонски јазик во Пиринска Македонија.“

Извори: „Википедија“, „Македонска нација“ и други извори