Град Скопје ќе набавува дрвја кои чинат и по 600 евра

Сенка на скопјани ќе им прават дрвја вредни речиси 900 илјади евра. Со потпис на скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и Зеленило“, Сефи Шабани, Градот Скопје во 2023 склучил рамковен договор за набавка на садници вредни и до 600 евра по стебло, додека долгот на Град Скопје од лани до сега порасна од три на речиси 11 милиони евра, пишува Радио Слободна Европа.



Според истражувањето дел од садниците наведени во рамковниот  договор кој го склучил Градот Скопје се езготични и чинат и по неколку стотина евра од стебло, иако можат да се најдат и за десет пати поевтино во скопското претпријатие „Паркови и Зеленило“, кое е основано од Град Скопје.

Ова го покажува споредбата на понудата објавена во склучениот договор на Бирото за јавни набавки и официјалниот ценовник на „Паркови и зеленило“ одобрен минатата година од Советот на градот.

Американски брзорастечки хибриден јавор со црвени листови во вредност од 600 евра по стебло, и норвешки јавор кој расте до 6 метри висина погоден за тесни улички во вредност од 570 евра се само дел од дрвјата кои Градот Скопје ги нарача за да ги зголеми зелените површини.

На пример, за дрвото познато како црвен коњски костен кое најчесто го има во градските паркови, Градот Скопје ја прифатил понудата во која дрвото чини 600 евра, додека во „Паркови и зеленило“ е со помал раст и се нуди по цена од 25 евра, односно за 1500 денари.

Исто така, и дрвото познато како„Јуда“, со розови пролетни цветови кое градот Скопје сака да го набави по цена од 200 евра по парче, исто такво три годишно со двојно помал раст во ЈП „Паркови и Зеленило“ се продава за 10 евра односно по 630 денари.

Зимзелена жива ограда со висина од 80 до 100 см Градот Скопје ја набавува за 40 евра по корен, иако во други скопските градинарски продавници според ценовниците на нивните веб страници може да се најде истата и за 8 евра.

За набавка на 66 видови на зимзелени и листопадни дрвја, како и за 24 видови на обликувани растенија и 27 видови на покривачи и трева, Градот Скопје лани склучил три рамковни договори со две фирми „Хорти Експерт“ и „Хорти Дизајн“ во вкупна вредност од 900 илјади евра.

Дел од учесниците на тендерот ја обжалиле одлуката на склучување на договор до Комисијата за жалби по јавни набавки, затоа што нивното барање било одбиено поради недостиг на бараните сертификати.

За споредба околу 900 илјади евра изнесува и јавната набавка на градот за реконструкција на скопската улица „Перо Наков“ во општината Гази Баба, која е долга два километра.

За разлика од лани, годината претходно во 2022 година, за слична набавка градот предвидел да потроши само 250 илјади евра, додека во 2021 година за тоа биле планирани до 406 илјади евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Во ситуација кога долгот на градот расте, градските власти за порталот велат дека набавката на садници вредни 900 илјади евра била предвидена уште во изборната програма.

„Садници како и секоја година се набавуваат во согласност со Буџетот утврден од страна на Советот на Град Скопје и програмата за зеленило во градот, со оглед на програмската определба за подигање нови зелени површини“, се вели во одговорот на градските власти.

Од градот не откриваат колку и каде се садат набавените садници.

Извор:https://www.slobodnaevropa.mk/a/grad-skopje-kupuva-drvja-od-po-600-evra/33158486.html