Куршумот в глава на плажа во Струга минатата недела го однесе в гроб балканскиот крал на проституцијата, а оттогаш сите говорат за крвна освета во која се вклучени неговите непријатели. Но, нови моменти од истрагата говорат дека можеби не е во прашање освета туку само пресметка на подземјето од регионот.
Имено убиецот на возраст од 30 до 40 години со бејзбол капа и со очила за сонце непосредно по пукањето изрекол неколку зборови на српски јазик. Според неколку извори „пукачот“ неколку секунди по класичната елиминација на чист српски јазик рекол „ Сада си бескористан“ (Сега си бескорисен) што посочува на други мотиви за убиството и ги анулира сите кои се темелеа на крвна освета.
Следните два момента кои, исто говорат дека можеби станува збор за расчистување на нерасчистени сметки во работата со проституција се убиството од зад грб, наместо очи в очи, што не е дел од традицијата на „враќањето крв“ и елементот кој отсуствувал, а тоа е изговарање на името на тој кој се осветува во моментот пред истрелот.

Еден од најпознатите криминалци во Македонија, Дилавер Бојку Лека (58) беше убиен минатиот понеделник во еден од неговите локали на плажа во Струга, а полицијата се уште нема осомничени иако се, во првите мигови посочуваше на извршители од семејството Истрефи кое две години претходно загубило член во вооружена пресметка со дел од фамилијата на Бојку.





