Го славиме денот силен потсетник за трајната вредност на мисијата на Светите Кирил и Методиј – честитка од претседателката Сиљановска Давкова

Светите Кирил и Методиј создале вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност, се вели во честитката од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.



,,Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.

Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите”, порачува претседателка Гордана Силјановска Давкова која апелира да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост.

,,Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив”, се вели во честитката од Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.

Молебенот, на којшто присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија владиката Јосиф и владиката Јаков со претставници на Македонската православна црква — Охридска архиепископија.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим, првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од неговата смрт. Оттогаш секоја година, на 24 мај, со највисоки почести се одбележува во присуство на македонска државно – црковна делегација.