Голиот цар развеа бело знаме – Зошто Бујар Османи е пуштен низ вода

Синоќа, Демократска унија за интеграција одржа официјална промоција на својот кандидат на претстојните претседателски избори, Бујар Османи. Промоцијата се одржа во спортско-рекреативниот центар Кале, локација која веројатно била одбрана поради носталгијата за некои минати стари добри времиња, врзани за турскиот збор во името на салата.



На промоцијата зборувале техничкиот премиер Таљат Џафери, првиот човек на ДУИ Али Ахмети и самобендисаниот кандидат на ДУИ Бујар Османи, кој ветил дека ќе се бори за исполнување на повеќе цели во интерес на граѓаните на Македонија. Како најважни, тој ги апострофирал запирањето на одливот на младите од државата, поголемо инвестирање во економијата и вложување во образованието „согласно светските стандарди“. Машала.

Целата манифестација, како што известуваат медиумите, била одржана само на албански јазик, а не бил обезбеден ниту преведувач, ниту пак имало одговори на новинарски прашања на македонски јазик. Вистинска затворена журка, или што би рекле “Private party”. Кандидатот за „претседател што ќе обединувал“ не се ни потрудил да допре до неалбанските граѓани, кои патем сочинуваат околу три четвртини од населението на Македонија.

Парадоксално, исто како што „ќе се грижел за институциите и почитување на уставниот поредок“, а притоа е дел од она малцинство граѓани што се залагаат за промена на Уставот и внесување на Бугарите на начин што нема да го штити македонскиот национален интерес.

Бујар Османи е умен човек. Поради тоа, на прв поглед е тешко да се објаснат овие контрадикторности и целосното отсуство на амбиција навистина да допре до сите граѓани во Македонија. Наместо тоа, со глобални ветувања како борба против иселувањето, образование по светски стандарди и силна економија, теми кои оваа влада во своите седум години владение не ги ни помрдна од место, тој практично одлучил да се промовира само во локалниот круг на својот етникум, не се ни обидувајќи да излезе од националниот атар.

Дали Османи мисли дека граѓаните на Македонија носат кошули што се врзуваат на грбот, кога го дал ветувањето дека ќе се пласира во вториот круг на изборите со своите 4 проценти потенцијални гласачи според анкетите и дека најпосле дошло време за претседател Албанец? Или зад оваа губитничка реторика сепак се крие нешто друго?

Како што реков, Бујар е умен човек и знае да собере два и два. Свесен е за лимитите на реал политиката кои самиот дополнително си ги забетонирал уште посилно. Зошто тогаш си дозволува да запаѓа во ефтини приказни и да шири небулози од типот празно златце без чоколадо наменети само за неговото гласачко тело? Зарем навистина толку ги потценува своите гласачи?

Тој добро знае дека нема шанса ни да припари во вториот круг, а не па да станел првиот претседател Албанец. Таква можност секако ќе имал доколку ДУИ заемно добро не се издриблаа со својот коалиционен партнер СДС и двете одлучија да излезат со одделни кандидати. Втората опција за исполнување на сонот наречен прв претседател Албанец ќе беше исто така можност доколку ДУИ собереше сили и излезеше од себичната партиска рамка и го поддржа Арбен Таравари за заеднички кандидат на ДУИ и Алијанса. Прилично арогантно и кусогледо за повисоки дострели, но и дополнително штетно по иднината на ДУИ. Се чини дека оваа партија забрзано работи на саморуинирање на својот долгогодишен имиџ на промислена, организирана и прагматична партија, а со упорните обиди на сила да гради култ на личност на својот лидер Ахмети, само го рони неговиот па и својот имиџ како кула од песок.

Имајќи ги предвид контурите на неговата претстојна кампања кои полека се наѕираат, главните тези и адути на Османи се чини ќе бидат борбата за менување на начинот на избор на претседател на Македонија, каде што главен протагонист не би биле веќе граѓаните туку мнозинството пратеници и борбата за менување на Уставот.

Очигледно е јасно е дека овие цели не е можно да се реализираат на изборите во април и мај оваа година. Согласно на тоа, Бујар Османи на овие избори свесно се согласува да биде пуштен низ вода. Ваквата стратегија не е за политичка борба денес. Таа е долгорочна и е насочена кон јакнење на идна поддршка од меѓународната заедница за промена на Уставот и од сопствениот етникум преку ветувањата за прв претседател Албанец, до што сметаат дека можат да дојдат само преку партиски дворски игри во Собранието, а не преку непосредна демократија. Многу среќа со тоа. Надежта умира последна.

Како извикот на препознавање дека царот оди гол во приказната Царевата нова облека, со други зборови, најавената стратегија на Османи е тестамент на кревањето на бело знаме од страна на ДУИ на претстојните двојни избори, но и на намерата што побрзо да се врати на власт кога „ќе се замати водата“.

Тоа нема да оди така лесно, имајќи го предвид разочарувањето што неминовно ќе уследи внатре во партијата поради изгубените привилегии, тендери и ореол на врховен чувар на албанските етнички интереси во Македонија. Доаѓа нова генерација етнички албански политичари која ќе разбере дека поделбата на интересите со „другиот табор“ и негледање преку плотот не носи ништо добро. Таа секој ден добива на бројност и прашање на време е кога ќе го урнат „големиот лидер“ од Зајас, заедно со двоецот негови најгласни апологети во ДУИ.

Колумна на
Амбасадор Зоран Дабиќ

Поврзана содржина

За која земја се кандидира Османи да ѝ биде претседател, претставувајќи се на конвенција без ниедно македонско знаме?!

Џафери: Ахмети произлезе од војната и не може никој да го урне! – Ахмети: ДУИ победи воено и тактички во секоја битка!

.